Во Ватикан само со кеш

Туристите во Ватикан од Нова година мора да користат исклучиво кеш. Влезниците за музеите, сувенирите или што и да е друго, мора да го плаќаат со готовина, затоа што италијанската централна банка одлучила да го блокира електронското плаќање во овој град-држава.

Според весникот „Кориере дела Сера“, блокадата следела бидејќи Ватикан не ги исполнувал во целост безбедносните мерки кои ги пропишува ЕУ со цел за заштита и спречување на перење на пари. Тоа значи дека италијанските банки немаат дозвола да работат на територијата на Ватикан, а „Дојче банк Италија“ која веќе 15 години го извршуваше електронското плаќање во Ватикан, соопштила дека Италијанската Банка ги повлекла овластувањата по 31 декември.

Ватикан настојува да го реши овој проблем, со кој се соочуваат туристите кои ги посетуваат музеите секојдневно.

„Многу туристи не носат кеш со себе, им требаат евра, а не знаат каде да ги купат“, изјави еден американски турист.

Музеите и продавниците за сувенири му носат големи приходи на Ватикан.