На прес конференцијата што денес ја одржа ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, се осудува градоначалникот Александар Петрески за недомаќинско и несовесно работење, поради наплатата на паркинг просторот, објавувањето на тендери за издавање под закуп на градежно земјиште, но и вработувања.
„Александар Петрески откако во Охрид воведе најскап паркинг за централното градско подрачје, сега оди чекор понатака, го претвора речиси целиот град во паркинг зона со која ќе стопанисуваат неговите бизнис партнери.
Во услови кога Петрески знае дека го чека сигурен пораз на престојните локални избори и во услови кога ги брои последните денови како градоначалник, Локалната самоуправа на тендер издава под закуп за период од 5 години градежно изградено земјиште, паркинзи од втора и трета паркинг зона, со што безмалку во целото градско подрачје ќе се наплатува паркирањето .
Со ваквиот чин на објавување на тендер за паркинг простори низ целиот град логично е да се постави прашањето: Дали Александар Петрески на крајот од својот мандат е приморан и ги расчистува должничкодоверителските односи со своите бизнис тајфи?
Исто така се поставува прашање уште колку вакви тендери Александар Петрески ќе објави во неговите последни 60 дена како градоначалник на Охрид за да им се оддолжи на своите блиски бизнис пријатели.
Но од сево ова едно е сигурно, Александар Петрески како што недомаќински и несовесно работеше во изминативе осум години истото го прави и во последните денови само на штета на градот Охрид.
Очигледно Петрески пред да си замине од позицијата градоначалник на општина Охрид им нанесува огромна штета на граѓаните, но и на туристичкиот имиџ на градот, и тоа го прави исклучиво во интерес на луѓе блиски СДСМ кои треба потоа дел тие средства да ги уплаќаат за кампањите на СДСМ.
Граѓаните ќе го казнат неговото неодговорно работење. Бидејќи е свесен за тоа тој во последните два месеци распишува наводни вработувања и распределби во Општината кои немаат законска основа согласно систематизацијата, сега започнува да врши и раскрчмување на јавните паркинг простори со што на долг рок им штети на граѓаните на Охрид, но и на сите туристи кои го посетуваат“. – беше изјавено на денешната прес-конференција.