„Ракатки“ го оправда своето постоење на литературното небо

 Во Прилеп, на 20 и 21 април се одржа деветтиот литературен фестивал „Ракатки 2013“, под мотото „Детскиот свет е најубав свет“. На манифестацијата учествуваа триесетина ученици од цела Македонија, чии творби беа избрани од преку 100 пристигнати литературни дела. Литературните творби беа создадени од ученици на возраст од 7 до 15 години, а издадениот алманах сведочи за нивниот талент за убаво творење.

 Градот -херој, Прилеп, широко ги отвори своите врати за сите учесници на фестивалот. Градската библиотека „Борка Талески“ беше претесна да ги прими сите љубители на убавиот пишан збор. Салата ечеше од топли зборови, а емоциите се гледаа на лицата од присутните гости. Манифестацијата беше и едно прекрасно дружење на децата од сите краишта на Македонија кои започнаа едни нови пријателства. Менторите, пак, разменија искуства поврзани со нивната работа.

 Могилата беше уште еден значаен момент од овој фестивал каде прилепските автори се претставија со свои литературни творби, а младите учесници жедно го слушаа секој нивни збор.

 И Струга имаше свој учесник. На фестивалот се претстави ООУ„Единство“, Октиси, Струга преку ученичката Мелиха Лутишоска, а под менторство на наставничката по македонски јазик, Роза Китрозоска.

 Нивните впечатоци се позитивни, а расказот„Шумска приказна“ испрати јасна порака за чување на нашите шуми.

 Водителот на манифестацијата, младиот Филип Димкоски, со задоволство ги најавуваше младите литерати и успешно ги водеше присутните низ фестивалот.

 Десеттото, јубилејно издание на „Ракатки 2014“, со отворено срце ќе ги пречека сите учесници, изјави писателката, Славка Арсова, која е со овој фестивал од самиот почеток. 

 До следното дружење на „Ракатки 2014“, детската мисла преточена во зборови нека создава еден поубав свет исполнет со насмевки, радост и сплотеност.

фото: проф. Славица Невчевска

rakatki 2 rakatki 3 rakatki 4