Преку проект финансиран од ЕУ се јакнеа капацитетите за социјална инклузија

Зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа и здруженијата на граѓани во Република Македонија за имплементација на политиките и програмите за социјално вклучување, имаше за цел проектот „Зајакнување на релевантните актери за социјална инклузија на локално ниво” што во изминатите 13 месеци се имплементираше во Македонија.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека проектот е мошне значаен, со оглед на тоа што, како што истакна, ги зајакнува капацитетите на локалната самоуправа и локалните граѓански организации, што пак треба да овозможи подобра примена на политиките што се креираат на локално ниво.

„Правилното решавање на проблемите на населението, зависи од активното вклучување на сите локални чинители и тие најдобро можат да предвидат релевантни решенија на специфични кои постојат во дадена локална заедница“, рече Ристовски.

Од тие причини, додаде министерот за труд и социјална политика, а во духот на децентрализацијата на социјалните услуги, пред нас е предизвикот да ги зајакнеме капацитетите на овие актери за успешно спроведување на проекти за социјална инклузија.

„Зајакнувањето на капацитетите на локалните самоуправи и здруженијата на граѓани за управување со проекти во иднина ќе ја зголеми и нивната апсорпциска моќ за добивање и управување со грантови кои се доделуваат од страна на ЕУ“, рече Ристовски.

Евроамбасадорот Аиво Орав смета дека проектот, кој е финансиран од ЕУ, дал значителна поддршка на реформите на социјалниот сектор во државата.

„ЕУ даде поддршка на владините институции, локалните самоуправи и граѓанскиот сектор преку работилници и обуки, како и размена на најдобри пракси со европски експерти“, рече Орав.

 Овој проект, рече тој, значително го подобри знаењето и севкупниот капацитет на општините, невладиот сектор со цел да ги развиваат проектите на полето на социјалната инклузија.