Премиерот Груевски најави три нови инвестиции

Три нови странски инвестиции со кои ќе се отворат нови работни места за македонските граѓани, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Голема европска компанија ќе инвестира во дејност поврзана со телекомуникациите, а останатите две компании ќе инвестираат во медицинската индустрија.

„Очекуваме до крајот на овој или почетокот на следниот месец да се објави дека крупна европска компанија сака да инвестира во дејност поврзана со телекомуникациите и да вработи неколку стотици лица. Нејзиниот план е во период од околу три години да вработи над илјада лица во Република Македонија. Станува збор за работи од повисока технологија и ќе бидат ангажирани голем број лица со претходна извршена обука. Од она што ми беше кажано за време на последната средба со нив ќе бидат ангажирани лица главно со високо образование од различни струки, но со дополнителна обука ќе бидат насочени во дејноста која што компанијата сака да ја извршува“, изјави Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на информатичко-форензичката лабораторија на УЈП, Груевски информираше дека исто така и турска компанија од медицинската индустрија ќе инвестира во Македонија.

„На денешната владина седница треба да помине договорот за закуп на земјиштето, а тие веќе на терен вршат геомеханички истражувања на земјиштето. Прашање на време е кога ќе започнат со нивната реализација. Станува збор за почетни 250 вработувања, а подоцна можеби ќе има и повеќе“, појасни Груевски.

Тој додаде дека наскоро треба да се заокружи и договорот за државна помош и за закуп на земјиштето и со втората компанија од медицинската индустрија која сака да инвестира во државата.

„Се надевам во наредните недели и тоа ќе се заврши“, рече Груевски, потенцирајќи дека има и други најави за странски инвестиции.

Во оваа прилика, рече Груевски, би ги спомнал само овие инвестиции коишто се во самиот финиш и се очекува наскоро самите компании да ги објават.