Црвенковски ја прифати поканата за средба и се надева дека постои искрена волја кај Груевски

На поканата за лидерска средба од страна на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, следуваше одговор на претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски. Во одговорот стои:

„Република Македонија на патот за остварување на своите стратешки цели во ниту еден момент како држава, не смее да ги поставува под знак прашање основните цивилизациски достигнувања и демократски развој, кои преставуваат столб за секоја модерна и интегрирана држава.

За жал, денес во нашето општество сеуште се отворени дилемите за начинот на кој се остваруваат основните човекови слободи и права, практицирањето на демократијата, владеењето на правото како темелна вредност, економскиот развој, животниот стандард, како и меѓународните позиции на Република Македонија.

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија во изминатиот период во неколку наврати потенцираше, посебно заради новонастанатата ситуација, дека е неопходно да се направат напори за излез од истата преку постигнување на политички договор кој ќе ја врати Република Македонија на вистинската насока.

Оттаму, свесни за длабоката политичка криза во која се наоѓа земјата после немилите настани кои се случија пред и на 24 декември, заради создавање на амбиент за успешни ЕУ и НАТО интеграции на земјата, ја прифаќам Вашата покана.

Искрено се надевам дека освен Вашата покана за средба, кај Вас навистина постои искрена политичка волја заеднички да ги утврдиме и реализираме сите предуслови за одржување на слободни и фер избори како прв неопходен чекор за нормализирање на односите и создавање на нов и неспорен кредибилитет на државните институции, кои единствено можат да го овозможат граѓаните на Република Македонија“.