Отворен конкурсот за финансирање на националните спортски федерации

Македонските спортски федерации ќе имаат на располагање за 40 насто повеќе средства во однос на минатата година (вкупната сума е 60 милиони денари) и од денеска можат да конкурираат за средствата што преку АМС ги доделува Владата на РМ.

Директорот на Агенцијата м-р Лазар Поповски на денешниот брифинг со новинарите и претставници на дел од нашите спортски асоцијации ги соопшти основните услови за учество во конкурсот. Тие се олеснети и е практично само прашање на формалнсост за подготвените програми на федерациите кои полагаат право на средства на одржување на домашни натпревари, подготовка на индивидуалци и тимови и учество на меѓународни настани.

На средбата, од директорот Поповски заинтересираните добија слика за начинот и критериумите според кои ќе бидат доделувани средствата предвидени со Програмата за развој на спортот во следните пет години донесена на почетокот од годината. Документот предвидува извесни измени со единствена цел-вистинска распределба на буџетот со кој располага АМС. Тоа пред се, значи дека акцент ќе биде ставен на конкретни потфати и области во кои имаме резултати и перспектива.

На конкурсот за добивање на средства за субјектите кои реализираат програми од јавен интерес во областа на спортот од Програмата за развој на спортот и младите за 2013 година можат да аплицираат сите постоечки спортски федерации за партиципација во финансирање на:

 – Врвниот спорт

– Стручна работа на службени лица

– Стручно усовршување на тренерите кои учествуваат во процесот на работа со спортистите

– Организација на традиционални манифестации

– Прворангираните клубови

– Талентираните млади спостисти

Конкурсот на АМС за спортските федерации што е отворен денеска завршува на 1 февруари, а во текот на март ќе биде објавен и друг конкурс за сите преостанати во нашиот спорт кои не се опфатени со овој конкурс.