Алеш Пипан официјално презентиран како нов селектор

Во присуство на голем број претставници од македонските медиуми, Алеш Пипан денеска официјално беше презентиран како нов селектор на нашата најдобра машка репрезентација. Претставен беше и деталниот план за подготовките и пријателските средби пред Евробаскетот во Словенија.

„Го избравме нашиот прв пик од почетокот. Задоволни сме што таа наша прва желба стана реалност и што можеме да го претставиме Алеш Пипан како нов селектор на нашата најдобра репрезентација“, кажа претседателот на МКФ, Даниел Димевски за отворање на прес-конференцијата.

„Да се биде тренер на Македонската кошаркарска репрезентација претставува голема чест, но и голема обврска“, напомена Пипан при првото обраќање кон медиумите. „Пред нас е големо натпреварување, Европско првенство, кое претставува голема обврска, особено по успехот на оваа репрезентација на последниот ваков настан. Тој резултат самиот по себе постави високи цели за сите наредни генерации и за сите наредни тренери, но јас сум човек кој не се плаши од предизвици и со задоволство ги прифаќа. Ќе направиме се за да составиме добра репрезентација, да ги донесеме сите најдобри играчи, добро да се подготвиме и да поставиме игра која ќе биде убедлива, препознатлива и која ќе носи резултати. Тука сме за да играме против сите во Европа, со сите добро да се носиме и против сите да одиме на победа“, продолжи Алеш Пипан.

Директорот на репрезентациите, Илија Мерџановски го претстави деталниот план за подготвителниот период, кој вклучува 12 пријателски натпревари против најквалитетните европски репрезентации. Првиот собир на репрезентацијата, според планот, ќе се случи на 19 јули во Скопје, за во периодот до 2 септември, Македонија да се сретне со тимови како Полска, Словенија, Хрватска, Грузија, Литванија, Шпанија, Босна и Херцеговина, Грција, Германија и Русија.

„Уште е многу рано да се зборува за противниците, за очекувањата и за конкретните дуели на Македонија на Евробаскетот, пред се затоа што се уште е непознато во каков состав ќе излезат репрезентациите. Едно е само јасно, според имињата, според историјата на успеси и квалитетот, станува збор за реномирани противници кои, како и ние, доаѓаат на Првенството со свои високи цели. Како ќе минува времето, така сигурно ќе може поконкретно да се подготвуваме, но најважно е да се влезе храбро, да се влезе мотивирано, со желба да се одигра максимално од првата до последната минута на секој натпревар, да успееме во тимот да го создадеме оној посакуван тимски дух и посакуваната атмосфера. На тој начин, можеме да добиеме секоја од овие репрезентации“, заврши Пипан.

Репрезентацијата на Македонија на Евробаскетот 2013 во Словенија ќе игра во група против Црна Гора, Литванија, Србија, Босна и Херцеговина и Летонија. Првиот натпревар е закажан за 4 септември, кога избраниците на Пипан ќе се сретнат со црногорскиот тим. Инаку, ова Европско првенство е трето по ред и вкупно четврто за нашиот најдобар кошаркарски тим, по настапите во Франција (1999), Полска (2009) и Литванија (2011).