Сите граѓани на земјава, веќе од утре, може да направат увид во Избирачкиот список, информира Државната изборна комисија (ДИК). Увидот, кој ќе трае до деветти февруари, може да се направи во подрачните одделенија и канцеларија на ДИК.
Гласачите можат да проверат дали се наоѓаат на Избирачкиот список секој ден во периодот од 08,30 до 19 часот со можност за запишување, дополнување или бришење на податоците од Избирачкиот список.
ДИК ги повикува сите полнолетни граѓани кои по 11-ти јануари 2013 година, извадиле биометриска лична карта или патна исправа да се јават во Подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија заради проверка и впишување во Избирачкиот список за време додека трае јавниот увид.
Доколку по завршувањето на јавниот увид не поднесат барање, граѓаните нема да имаат право да бидат запишани во Избирачкиот список за Локалните избори 2013.
Гласачите проверката можат да ја вршат и по електронски пат преку ВЕБ страницата на Државната изборна комисија: www.sec.mk во делот Избирачки список или директно на линкот: http://izbirackispisok.gov.mk