Попоски го прими новоименуваниот шеф на Канцеларијата за врски на Грција

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска го прими во протоколарна средба новоименуваниот Шеф на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, амбасадорот Теохарис Лалакос, кој во оваа пригода го предаде оригиналот од писмото од грчкиот Министер за надворешни работи за негово назначување во Република Македонија.

Министерот Попоски, му посака искрено добредојде и успешен ангажман на амбасадорот Лалакос во Република Македонија, пожелувајќи му во неговиот мандат Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија да прерасне во Амбасада. Министерот изрази подготвеноста за унапредување на односите и соработката со Грција во сите сфери од взаемен интерес, во насока на надминување на предрасудите и зајакнување на меѓусебната доверба. Во тој контекст Министерот Попоски посочи конкретни иницијативи како размена на дипломати помеѓу двете министерства и продлабочување на соработката во областа на образованието и културата.

Соговорниците констатираа дека постои заедничка волја и интерес за унапредување на билатералната и регионалната соработка во интерес на европската иднина на Регионот. Министерот Попоски уште еднаш го повтори интересот на Република Македонија со Република Грција да работат на заеднички успеси, посакувајќи им на нашите соседи што поскоро да се справат со економските предизвици.