Министерот Попоски ги прими новоименуваните амбасадори на Франција и Иран

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го прими новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Н.Е г-ѓа Лоранс Оер, која ги предаде копиите од акредитивните писма со кои се именува за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Македонија.

На средбата взаемно беше истакнат интересот за динамизирање и унапредување на политичкиот дијалог и економската соработка меѓу двете земји. Министерот Попоски ја нагласи целосната отвореност за понатамошна соработка и поддршка при извршувањето на функциите на новоименуваниот француски Амбасадор  во Република Македонија.

Во разговорот, министерот Попоски ги повтори стратешките определби за што поскоро интегрирање на земјата во Европската Унија и во НАТО. Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка, министерот Попоски изрази очекување дека таа ќе биде зајакната и во наредниот период.

iran

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска го прими и новоименованиот амбасадор на Исламската Република Иран, Саид Садег Мохамади (Mr. Saied Sadegh Mohammadi).

На средбата, МНР Попоски му посака успешна работа на амбасадорот Мохамади во неговата дипломатска мисија во Република Македонија, разгледувајќи ги актуелните билатерални односи помеѓу двете земји, како и можностите за соработка.

Покрај билатералните односи меѓу двете земји, двајцата соговорници разменија мислења за регионалните случувања во Југоисточна Европа и Блискиот Исток.