Работилница за подобрување на енергетската ефикасност во јавните згради

Презентацијата на спроведените мерки и активности на досега реализираните проекти за подобрување на енергетската ефикасност во рамките на ГЕФ-проектот за одржлива енергија што го спроведува Министерството за економија во соработка со Светска банка беа тема на денешната работилница за енергетска ефикасност во јавни згради.

Проектот претставува грант во износ од 5,5 милиони долари добиени од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) за подобрување на енергетската ефикасност во градинките и училиштата во Македонија.

На работилницата, на чие отворање присуствуваше и се обрати министерот за економија Ваљон Сарачини, се дискутираше и за придобивките и практичните аспекти на проектите за енергетска ефикасност, како и за перспективите и модалитетите за идните активности во оваа област.

„Подобрувањето на енергетската ефикасност е многу важен дел за развојот на македонската економија и затоа е еден од главните приоритети на Владата на Република Македонија. Имајќи ги предвид  сите придобивки што ги носи енергетската ефикасност, Министерството за економија во соработка со Светската банка во 2011 година го почна Проектот за одржлива енергија со кој се предвидуваат мерки со кои може да се подобри енергетската ефикасност во училишни објекти и градинки“, рече Сарачини.

Процесот, истакна, се одвиваше во две фази. Во првата фаза се спроведоа мерки  за подобрување на енергетската ефикасност во шест општини – Боговиње, Гази Баба, Зајас, Чешиново-Облешево, Кисела Вода и Кавадарци.

„Вкупниот износ на инвестицијата изнесуваше 1,5 милиони долари и беа реконструирани 18 објекти од кои 13 училишта и пет градинки. Во сите општини беа спроведени типични мерки за енергетска ефикасност – поставување изолација на надворешните ѕидови, топлинска изолација  на покрив, замена на прозорци и надворешни врати, набавка и монтажа на нов  систем за централно греење и промена на осветлувањето. Со тоа околу 5.600 ученици и наставници имаат подобри услови за престој и работење“, рече Сарачини.

Во втората фаза се спроведоа активности за подобрување на енергетската ефикасност во шест други општини – Чаир, Валандово, Конче, Желино, Петровец и Пехчево.

„Таму се спроведени мерки за подобрување на енергетската ефикасност во 23 училишта и градинки во вкупна вредност од 2,5 милиони долари. Заштедите од двете фази на овој проект се очекува да изнесуваат околу 400.000 долари. Тоа покажува дека подобрувањето на енергетската ефикасност е добра инвестиција и не претставува само прост трошок. Воведувањето на ваквите мерки значеше и отворање 150 нови работни места преку ангажирањето на домашните градежни компании“, посочи Сарачини.

Охрабрени од одличната соработка во рамките на овој проект, нагласи, во соработка со Светска банка и во идниот период ќе продолжиме со нови мерки и активности, како и со развивање на националната програма за енергетска ефикасност во јавните згради што се очекува да биде усвоена од страна на Владата во првата половина од годинава.

Денис Бошковски, претставникот на Светска банка во Македонија, истакна дека инвестициите во енергетската ефикасност значат и одговорност во трошење на јавните финансии, обид за заштита на животната средина и едукација на граѓаните.

„На глобално ниво подобрувањето на енергетската ефикасност во јавниот сектор е чекор кон намалување на емисијата на стакленички гасови. Со овој проект Македонија активно учествува во обидите  за намалување на штетните влијанија врз животната околина предизвикани од климатските промени“, рече Бошковски.

Додаде дека Светска банка активно соработувала и ќе соработува со Владата и Министерството за економија во креирање издржлива програма за подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор.