Формирање Мешовит комитет за економска соработка меѓу Македонија и Катар и во најскоро време отворање амбасада во Скопје, е исходот од денешната средба во Доха меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и катарскиот емир Хамад бин Калифа ал-Тани.
На средбата воедно беа разменети мислења и информации за досегашните билатерални односи и за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес. Посебен акцент беше ставен на можностите за развивање на економската соработка
Претседателот Иванов информираше дека vршителот на должност Султан бин Саад ал-Мреокхеј, веќе е во Скопје и ги прави сите подготовки амбасадата на Катар да биде отворена во најкратко време.
„До пред само три години немавме склучено никаква билатерална спогодба со Катар. По интензивните контакти правната рамка меѓу двете земји е оформена, а во таа насока денеска е потпишан и Меморандумот за разбирање во сферата на туризмот“, изјави по средбата со Емирот ал-Тани, претседателот Иванов.
Македонскиот претседател и емирот од Катар разговараа за катарски инвестиции во Македонија, при што како што нагласи претседателот Иванов бил пројавен интерес за соработка во сферата на високото образование, како и во областа на културата што се должи на неодамнешната посета на КУД Танец на Доха.
„Оваа посета е во функција на одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и се надевам дека економската соработка која ја потикнуваме во најкраток период ќе ги даде своите резултати“, изјави претседателот Иванов.
Со цел натамошно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави, покрај Меморандум за разбирање за туристичка соработка меѓу двете земји беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу стопанските комори на Македонија и на Катар. Во офцијалната делегација предводена од претседателот Иванов е и министерот за економија Ваљон Сарачини.
За време на престојот во Државата Катар, претседателот Иванов ќе го посети и Универзитетот Џорџтаун, каде ќе одржи предавање на тема „ Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите”.
Ова претставува прва официјална посета на претседателот Иванов на Катар, на покана од Емирот Шеик Хамад бин Калифа ал Тани, а која се реализира после дводневната официјална посета на Емирот на Државата Катар на Република Македонија, на 17 и 18 октомври 2011 година.