Предлогот за формирање на „експертска комисија“ за Црвенковски е неприфатлив

Претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски го отфрли предлогот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за формирање на експертска комисија, за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година во и пред собранието.

„Водејќи се исклучиво од стратешките цели на Република Македонија, со особено внимание го разгледавме Вашиот предлог и во таа насока сакам во одговорат да Ви посочам неколку факти за кои верувам дека и Вам ви се добро познати.

Прво, се согласувам со Вас дека сите заедно треба да вложиме напори да ја вратиме земјата на вистинскиот пат, бидејќи Република Македонија после „црниот понеделник“ се наоѓа во длабока политичка криза. Претпоставувам дека и Вие се согласувате со нас дека нашата земја на патот на ЕУ и НАТО интеграциите, во ниту еден момент не може и не треба на било каков начин да ги загрозува основните демократски слободи и права, кои претставуваат темелна вредност на сите високо развиени и демократски држави.

Ниту еден политички одговорен субјект не смее да стане соучесник во очигледното сценарио, според кое настаните пред и за време на 24 декември, треба да се прикажат во поинакво светло, или да се прикријат на одредено време. Наш заеднички интерес како одговорни политичари е да сториме се што е во наша моќ, да не дозволиме од било кого и во било каква друга форма, никогаш повеќе да не ни се повтори „црниот понеделник“ и да биде доведена во прашање демократијата како цивилизациска вредност и достигнување.

Оттука, здружената опозиција „Сојуз за иднината“ во изминатиот период нагласува дека е неопходно да се направат напори за постигнување на политички договор со кој ќе се избегне понатамошното продлабочување на политичката криза.

За жал, Вашиот предлог за формирање на „експертска комисија“ за утврдување на фактите го оценуваме како уште еден обид да се одложи соочувањето на актуелната власт со сопствената одговорност, и затоа за нас е неприфатлив. Ниту на домашната, ниту на меѓународната јавност не им се потребни комисии за да се утврдат фактите, бидејќи снимките со вистината за прекршувањето на процедурите, Деловникот, Законите и Уставот и суспендирањето на парламентарната демократија од страна на власта, веќе го обиколија светот.

Во оваа прилика сакам уште еднаш да Ве уверам дека кај нас постои искрена политичка волја заеднички да ги утврдиме и реализираме сите предуслови за одржување на слободни и фер предвремени парламентарни избори како прв неопходен чекор за нормализирање на односите и враќање на демократијата во земјата“. – стои во одговорот од страна на Црвенковски.