Претседателот на Владата на Република Македонија, Никова Груевски, ја прифати иницијативата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за формирање на експертска комисија, за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година во и пред собранието.
„Сакам да ве информирам дека сериозно и со должно внимание ја разгледав Вашата иницијатива за формирање на комисија која би имала за задача да ги разгледува настаните кои се случија пред и во Парламентот при донесувањето на Буџетот за 2013 година.
Дозволете да се заблагодарам на Вашата иницијатива да се вклучите во процесот, но притоа и со жалење да констатирам извесна доза на дискриминација за нас, и тоа во поглед на застапеноста во комисијата, затоа што се предлага двајца претставници во комисијата да ги предложи опозицијата, а само еден владејачкото мнозинство. Исто така сметам дека треба да се земе предвид, a Вие тоа добро го знаете, дека учество на претставници на меѓународната заедница во комисии кои треба да се осврнат на домашни внатрешно политички работи не е најдобро одбран пристап за легитимација во една суверена и самостојна држава, и таквиот пристап не соодејствува со нашите принципи.
Но сепак, и покрај овие забелешки, а имајќи го во предвид моментумот и сакајќи да покажеме конструктивност и отвореност и гледајќи ја улогата на меѓународната заедница од аспект на нејзината поддршка на интегративните процеси, а нејзиното учество во комисијата како извесен мониторинг на случувањата, ние немаме што да криеме, сме подготвени за дијалог и за расветлување на вистинските случувања, и затоа Ве информирам дека ја прифаќаме Вашата иницијатива за формирање на оваа комисија, и тоа и со вака предложениот состав во кој опозицијата има два, а владејачкото мнозинство само еден претставник.
Сакам да потенцирам и дека фактот што СДСМ во многу краток рок ја одби оваа Ваша иницијатива говори само за нивната одговорност или подобро кажано неодговорност кон граѓаните и државата, и го потврдува она што ние го велевме и она што сите го знаат и на сите им е јасно, а тоа е дека ова е само сценарио на Бранко Црвенковски за создавање на хаос во државата, сценарио преку кое што тој смета дека би можеле да се остварат неговите лични цели и интереси.
Ние со овој гест на прифаќање на Вашата иницијатива, ги покажуваме нашата отвореност и подготвеност за дијалог и нашиот одговорен однос кон граѓаните и државата“. – стои во писмото упатено до претседателот Иванов.