По повод Илинден викендов на стрелиштето Бејбунар во Охрид, а во организација на Стрелачкиот клуб „Охрид“ и Општинскиот стрелачки Сојуз „Охрид“ од Охрид се одржа традиционалниот Турнир „Илинден 2014“, на кој учество зедоа повеќе клубови и тоа од нашата земја, Република Бугарија и Република Србија.
Се пукаше само една дисциплина и тоа воздушна пушка-40 истрели, мажи и жени. Оваа година само еден охридски стрелец се закити со медал, и тоа државниот рекордер на Македонија, Михаил Шишкоски кој со 390,2 кругови се пласира на втората позиција, зад Борислав Стаменов од СК „Пирин“ Благоевград со 392 кругови.
Кај жените најуспешна беше Ирена Бачварова од СК „Сандански“ со резултат од 397,2 круга додека од нашите стрелци најдобро пласирана беше Јана Маркоска на 7-мата позиција со резултат од 377,9 кругови. Ангела Алексоска заврши на 9-тата позиција со резултат од 372,6 кругови.
Во екипна конкуренција најуспешна беше екипата на СК „Санел“ од Сандански со резултат од 1179 кругови, додека екипата на СК „Охрид“ беше 4-то пласирана со резултат од 1136,3 кругови.