ФФМ ги избра селекторите на младинските репрезентации

Фудбалската федерација на Македонија на седница на Управниот одбор официјално ги избра новите селектори кои ќе ги предводат младинските национални репрезентации.

Никола Аврамовски е избран за селектор на репрезентацијата до 13 години. Аврамовски е поранешен фудбалер на Вардар. По завршувањето на играчката кариера продолжи во тренерските води. Беше дел од младинско пионерската школа на Вардар. Со интернационално искуство се стекна во Хрватска. Го предводеше тимот на ФК Зденка, две години работеше и во ФК Бјеловар, како Шеф на стручниот штаб и на младинската школа. Во сезоната 2011/2012, Аврамовски го предводеше составот на Еуромилк во Македонската Втора лига. Од август 2011 година – EURO PRO лиценциран тренер.

Гајур Реџеп е новиот селектор на селекцијата до 15 години. Три натпреварувачки сезони Реџеп мина во Турција. 2005 година беше дел од стручниот штаб на Akseki Aroma Antalja. Во сезоната 2006 беше дел од тимот на Istanbulspor, дел од својата кариера во Турција мина и во Tekirova Antalja. Реџеп е поранешен Шеф на стручниот штаб на ФК Љуботен од Тетово и на ФК Шемшова 1984.

Боби Стојкоски е селектор на репрезентацијата на Македонија до 16 години. Во сезоната 2010/2011 го предводеше тимот на Македонија ЃП како Шеф на стручниот штаб. Поранешен асистент – тренер во ФК Вардар. Во последните две годиниработеше како координатор на младинско-кадетско-пионерската школа на Македонија ЃП.

Јетон Несими е избран за селектор на репрезентацијата до 17 години. Несими е поранешен тренер на ФК Гостивар, во сезоната 2007 беше дел од стручниот штаб на ФК Шкендија.

Марио Вујовиќ ќе ја предводи селекцијата на Македонија до 18 години. Вујовиќ е тренер со UEFA PRO лиценца. Поранешен фудбалер на Хајдук, Вардар, Славен Белупо. Како тренер ги мина сите категории во ФК Вардар. Работеше и во младинските национални селекции.

Алексо Мацков е избран за селектор на репрезнетацијата до 19 години. Некогашен голман на Вардар, Балкан, Куманово, Работнички, Љуботен и Југококта, а своевремено и младински репрезентативец на СФР Југославија. Тренерската кариера Мацков ја почна како помошен тренер во Балкан. Прв тренер на тој клуб стана во 1993 и екипата ја водеше до 1996 година, кога чаирчани беа двапати трети и по еднаш деветти и осми. По ова ја водеше и Шкендија, а во 1998 година беше тренер на Цементарница. Тимот од Кисела Вода го водеше и во две кола од натпреварите во купот Интер-тото. Мацков е поранешен тренер и на Осогово, Куманово, Металург, Пелистер и Вардар. Мацков е поранешен прв тренер на репрезентација до 21 година и на “А“ селекцијата.