Општинската организација СДСМ Охрид го обвинува ВМРО-ДПМНЕ Охрид и кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Никола Бакрачески, за предвремена и незаконска кампања.
„ВМРО-ДПМНЕ од Охрид деновиве, повеќе од еден месец порано, ја започна предизборната кампања за локалните избори. Ова е очигледен пример за флагрантно кршење на законите и непочитување на демократските процеси од страна на ВМРО- ДПМНЕ, која партиските ги става над државните интереси.
Сведоци сме дека во последните неколку дена, кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ Никола Бакрачески, во придружба на партиски функционери, се промовира на средби со граѓани од различни целни групи. Згора на тоа ваквата предвремена кампања ја следат и медиумите.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ Никола Бакрачески, средбите ги одржува во тек на работното време. Наместо како лекар да си ја врши работата во Центарот за рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања, тој ги занемарува пациентите и води предвремена предизборна кампања.
Апелираме до надлежните институции да го санкционираат ваквото очигледно кршење на законите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно ги потсетуваме претставниците на ОБСЕ и ОДИХР да го имаат во вид ваквото кршење на одредбите од Изборниот законик и нарушувањето на процесите за фер и демократски избори“. – се вели во реакцијата од ОО СДСМ – Охрид.