Успорувањето на интеграцијата на Балканот во ЕУ создава потенцијални идни конфликти

Секое успорување на интегрирањето на Балканот во ЕУ создава потенцијални идни конфликти. Ако сакате проблемите да ги врзете за територија настанува конфликт. ЕУ ако го отвори просторот, проблемот на границите се надминува кога тие ќе исчезнат, подвлече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов вчера на сесијата „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказ“ во рамки на 49. Минхенска безбедносна конференција.

„Ако ЕУ се умори од проширување, младите на Балканот се уморија од чекање, а ние имаме одговорност пред генерациите кои доаѓаат“, порача претседателот Иванов. „Ако едни стандарди и принципи важат за основачите на ЕУ тие треба да важат и за идните членки. Не може фудбалот да се одвива на тој начин што додека трае играта да се менуваат правилата. Затоа, ние се чувствуваме погодени, за нас не важат правилата кои важат за другите држави, туку ние имаме дополнителни услови“, истакна претседателот Иванов, додавајќи оти иднината се остварува денес.

НАТО, рече македонскиот претседател, од Македонија направи кандидат за „Гинис“, имаме 14 акциски планови за членство, 18 ротации на македонски мировници во Авганистан, а ги имаме сите обврски и ризици како учесници, меѓутоа, немаме ниту една привилегија. Затоа сме незадоволни од НАТО. ЕУ најде начин да биде иновативна и креативна, отвори дијалог на високо ниво. Ќе се  радуваме ако има таква креативност и од НАТО. Алијансата, сепак е архитектура која треба да се гради, порача претседателот Иванов на сесијата на која учествуваа и претседателите на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Азербејџан, Илхам Алиев и министрите за надворешни работи на Грузија, Маја Панџикидзе и на Казахстан, Ерлан Идрисов.

Балканот, потсети претседателот Иванов, доживеа многу трауми во 20 век. Имавме студена војна и жежок мир по распадот на Југославија. Конечно прв пат на Балканот имаме држави со демократски избрани влади, прв пат младите користат еден јазик – англиски. Ако ние како политичари, констатира тој, не овозможиме нашите држави да влезат што побрзо во ЕУ, тоа веќе го прават младите генерации кои наоѓаат начини тоа да го направат преку социјалните мрежи, не територијално. На Балканот денес е можен мир и добро е што ЕУ доби награда за мир за да ги потсети младите генерации дека ЕУ пред се е мировен проект, а потоа политички и економски, рече македонскиот претседател. Тој додаде оти неутрална сила  за оние кои денес живеат на Балканот е Судот за човекови права во Стразбур, како последна инстанца каде што граѓаните можат да ги тужат и сопствените држави за прекршување на своите права.

Осврнувајќи се на историските факти, за Балканот и за Кавказот, претседателот на Република Македонија посочи оти претставите за Балканот и за Кавказот секогаш ги создавале другите и затоа Балканот е буре барут, место каде постојано има конфликти и војни. Историјата не учи друго, дециден е претседателот Иванов, од 3.000 години пишана историја на светот, 2.700 се војни на планетата, а само 300 години има мир. Да биде парадоксот поголем подвлече, најголеми периоди на мир биле на Балканот.