Извршено е бушење на Марс

Роботското возило „Curiosity“ за прв пат ја употреби својата дупчалка и направи длабење во карпа на површината на Марс, соопшти НАСА.

Снимките направени пред и по бушењето потврдија дека во карпата е направена дупка. Роботите кои претходно беа на Марс земаа примероци со гребење врз површината на планетата, но „Curiosity“ е прв опремен со дупчалка.

Инженерите од НАСА внимателно работеа со оваа процедура, како би потврдиле дека карпата и бушилицата се однесуваат како што беше предвидено.

Најпрво беше направено лежиште за бушење, а потоа беше активирана и ротацијата. Планирано е роботот да земе примероци од карпи и да ги анализира во лабораторија која ја носи со себе.

Задачата на возилото е да утврди дали некогаш постоеле услови кои би овозможиле настанување на бактериски живот, во кратерот Гејл, каде „Curiosity“ се спушти минатата година.

Утврдувањето на составот на карпите на Марс има клучно значење во ова проучување, бидејќи наслагите во кратерот содржат геохемиски записи за условите под кои настанале карпите.

Бушењето на карпата со длабочина од неколку сантиметри овозможува земање на „чист“ примерок, кој не бил изложен на површинските влијанија, на радијација и на временските услови. Карпата која е избрана, по состав се претпоставува дека е калциум-сулфат.