Полициската станица од Кичево ги пронајде сторителите на тешката кражба што на втори овој месец беше извршена во црковниот храм Св.Петар и Павле во Кичево. Истиот ден, во близина на храмот приведени се Ф.Д.(19) и С.Ф.(18) двајцата од Кичево.
Кај Ф.Д. пронајдени се 125 евра, околу 2000 денари и една наруквица. Во близина на оградата од црковниот храм сокриени во тревата пронајдени се вкупно 47.000,оо денари во различни апоени. Дополнително, при извршен претрес во домот на С.Ф. полициските службеници пронајдоа вкупно 46.000,оо денари, помал износ на евра и долари, златни ланчиња со приврзоци и други предмети.
Покрај парите, пријавените имале намера од црковниот храм да одземат еден ЛЦД телевизор и еден компјутер. Истите ги сместиле во количка и ги оставиле во црковната трпезарија со цел подоцна во текот на денот да искористат поволен момент за тоа.
Пријавените Ф.Д. и С.Ф. на втори овој месец околу 6 часот утрото, биле забележани од полициските службеници во непосредна близина на црковниот храм. Во обид да избегаат, веднаш биле пресретнати и приведени. Во текот на ноќта, тие со кршење на еден од прозорите на храмот „Св.Петар и Павле“ влегле во внатрешноста и насилно ја отвориле влезната врата од трпезаријата. Потоа, успеале да го разбијат црковениот сеф, од каде, според кажување на претставници од храмот, одзеле околу 120.000,оо денари. Полициската станица од Кичево, по целосно документирање на настанот, ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело тешка кражба.