Порака за претпазливо користење на интернетот кај младата популација

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, се обрати на настанот во рамките на одбележувањето на Меѓународниот Ден за побезбеден интернет, кој се одржа во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје.

„Со националната стратегија и активностите што се преземаат сакаме да ги информираме децата, родителите, наставниците и целата јавност дека се што се користи на интернет не е секогаш најдобро“. – рече министерот Ивановски.

Тој порача дека основците и средношколците, кои го користат интернетот претежно за комуникација преку социјалните мрежи, треба да имаат предвид дека може да им бидат злоупотребени податоците со што би имале трајни последици.

„Апелирам да бидете претплазиви со кого комуницирате на социјалните мрежи, двапати размислете што ќе поставите на вашиот фејсбук профил, бидете претплазливи и со кого се поврзувате. Се што правите на интернет има исти последици како во реалниот живот. Доколку злоупотребите нешто на интернет, легислативата е иста и ригорозна, онолку како во реалниот живот“. – рече Ивановски.

Виолета Ѓорѓиевска од невладината организација Интернет хотлајн провајдер Македонија најави дека сајбер малтретирањето и лажното претставување ќе бидат првите злоупотреби на чие спречување ќе се стави акцент и ќе се вметнат во Кривичниот законик.

„На национално ниво кај населението има непознавање на оваа проблематика. Општеството во ИТ секторот се развива брзо и мора да преземаме брзи мерки за да може да ги заштитиме децата“. – рече во презентацијата Ѓорѓиевска.

За поголема безбедност на интернет, минатата година Владата формираше Советодавно тело со учесници од повеќе институции и невладини организации и усвои акциски план, на база на кој во следниот период ќе се изготви национална стратегија со европски стандарди.

Во наредниот период Министерството за информатичко општество и администрација и Советодавното тело ќе спроведат кампањи за развивање на свеста преку кои родителите и наставниците ќе научат како да препознаат злоупотреби на децата на интернет. Исто така, ќе бидат изработени апликации кои ќе бидат достапни преку нивните веб страници, што ќе можат да ги симнат сите граѓани на своите домашни компјутери и да се инсталираат во сите училишта, со кои ќе се овозможи пристап на интернет толку колку што е потребно.