Спречен обид за шверц на 1600 парчиња луксузен сребрен накит

Царинските службеници на Аеродромот Александар Велики во Скопје, вчера (04.02.02013 г.) спречија обид за нелегално внесување на 1600 парчиња рачно-изработен луксузен сребрен накит, чијашто вредност на македонскиот пазар би можела да достигне и до 65 илјади евра.

Вчера-утро околу 08:30 часот, меѓу другите патници од авионот на компанијата TURKISH AIRLINES, од Истанбул пристинале и четворица млади луѓе. По пристигнувањето, царинските службеници забележале дека сите четворица не го испуштаат од вид нивниот колега кој се движел меѓу патниците и чекаат неприродно долго да си го подигнат багажот. Во момент кога царинскиот службеник разговарал со друг патник, сите четворица брзо се упатиле кон излезот – зелен канал, кадешто поминуваат патници кои немаат ништо за пријавување. Царинскиот службеник ги застанал четворицата, по што е пристапено кон детална контрола со рентген скенер.

Притоа, во нивните четири торби, царинските пронашле неколку пакети со вкупно 1600 парчиња рачно изработен, луксузен сребрен накит, меѓу кои машки и женски прстени, белегзии, привезоци, сетови од ланче со привезок, прстен и белегзија, алки и брошеви украсени со полу-благородни камења и кристали.

Во текот на службениот разговор, прекршителите изјавиле дека накитот требало да го предадат на лице од Гостивар, кој потоа го продава.   

Набавната вредност на задржаниот накит изнесува околу 32.000,00 евра, но на нашиот пазар вредноста би достигнала двојно повеќе. Вредноста на давачките за легален увоз на ваква стока, имајќи предвид дека истата подлежи на царинска стапка од 15% и ДДВ стапка од 18%, изнесува околу 11.500 евра.

Против прекршителите е поведена прекршочна постапка, а накитот е привремено одземен.

nakit2