Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вчера во Њујорк, во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации, присуствуваше на Климатскиот самит 2014, каде што се одвиваа серија дискусии за климатските промени, за што свое излагање имаше и министерот за надворешни работи г. Никола Попоски. Голем број државници, но и холивудски ѕвезди како Леонардо ди Каприо, настапија во Обединетите нации со апели за интервенција со која би требало да се запрат климатските промени.
Претседателот Иванов рече дека и претседателот Обама во своето обраќање на приемот ја истакнал потребата од заедничка акција по прашањето на климатските промени.
„Претседателот Обама до присутните на приемот го истакна токму тоа дека се соочуваме навистина како цивилизација со такви закани произлезени од климатските промени што мора совеста на целото човештво да биде на повисоко ниво. И ние како земја, како Македонија, сме дел од сите тие иницијативи. Македонија секогаш придонесува за сето она што се презема за да се соочиме со сите предизвици кои ги носат климатските промени”, изјави претседателот Иванов, најавувајќи дека дел од своето обраќање пред Генералното Собрание на ОН во петок ќе го посвети на ова прашање.
Во средбите кои македонската делегација ги има во Њујорк, на вчерашните панели посветени на климатските промени, се истакнува дека Македонија е првата земја од регионот на западен Балкан која го комплетираше третиот национален извештај според рамковната конвенција на ОН за климатските промени, потоа има спроведено проценка за ублажување на ефектот на климатските промени преку истражувачкиот центар ИЦЕИМ при МАНУ и има воведено систем за компјутерско набљудување на испуштањето на штетни гасови во индустрискиот сектор.
Во рамките на Климатскиот самит, на настан организиран за улогата на информатичката технологија за сузбивање на загадувањето, беше истакната и новата мобилна апликација Skopje Green Route. Апликацијата, изработена во заеднички проект на Програмата за развој на Обединетите нации, градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и Факултетот за информатички науки ФИНКИ, беше претставена како еден од седумте најдобри проекти на кои треба да се посвети внимание за нивниот придонес за намалување на загадувањето. Апликацијата на жителите на Скопје
кои имаат андроид уред ќе им нуди опции за движење низ градот кои ќе бидат полесни, побрзи, но и подобри за животната средина.
„Ви се обраќам како еден од 400.000 луѓе кои неодамна маршираа низ улиците на Њујорк, и еден од милијардите луѓе низ светот кои се грижат за климатските промени. Не можеме да се преправаме дека климатските промени сами од себе ќе ги снема. Гледаме дека климатските екстремни настани зачестуваат, а поларните капи се топат со брзина без преседан”, изјави Леондардо Ди Каприо од говорницата на Генералното Собрание на Обединетите нации.