Хрватска и Македонија на листата од 50 најиновативни земји во светот

Хрватска и Македонија се наоѓаат на 34 односно 48 место на листата на 50 најиновативни земји во светот, која ја објави агенцијата Bloomberg.

Листата е составена на основа од седум критериуми, меѓу кои се интензитетот на спроведување на научно-истражувачки и развојни работи, нивото на продуктивност на работата, концентрацијата на високи технологии, процентот на истражувачи на милион луѓе, продуктивност на индустријата, нивото на образование и патенти.

Хрватска има најдобар рејтинг кога станува збор за патенти, според кои се наоѓа на 31 место, додека пак Македонија најмногу е вреднувана по концентрацијата на високи технологии и продуктивноста на индустријата, каде во двете категории го зазема 28 место. 

Првите три места на листата ги заземаат САД, Јужна Кореа и Германија. САД се наоѓаат на прво место, поединечно, во областа на концентрација на високи технологии, додека пак Јужна Кореа е прва во категоријата патенти.

Интересно е тоа што во првите 10 најиновативни земји на светот се наоѓаат дури 6 европски држави – Франција, Шведска, Данска, Австрија, Финска и Германија, како и три азиски земји – Јапонија, Сингапур и Јужна Кореа.