Високите цени на суровините неопходни за исхрана на животните и немањето доволни количини од сточна храна, се најголем проблем со кој се соочуваат одгледувачите на свињи во Македонија.
Ова беше истакнато на денешниот работен состaнок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со претставници на Групацијата за свињарство и директорот на Агенцијата за храна и ветерина Дејан Рунтевски.
На состанокот, како што информираат од МЗШВ, се дискутирало на повеќе теми, а претставниците од Групацијата побарале да се отворат стоковите резерви со јачмен за подобрување на состојбата во свињарството. Со тоа, според нив, значително ќе се олесни моменталната состојба.
За да можат да склучуваат договори со полeделците и да можат побрзо да им ја платат жетвата, претставниците на Групацијата побарале исплатата на субвенциите за сточарите за 2012 година да биде до 30 април годинава, на што министерот Димовски им одговорил дека веќе се воведува динамика во исплатата на субвенциите и оти нивното барање ќе се земе предвид.
Како друг значаен проблем од Групацијата за свињарство го истакнале и немањето земјиште на кое би произведувале сточна храна со што долгорочно би го решиле проблемот со набавка на сточна храна. Министерот Димовски им укажал дека на јавни огласи ќе се дава земјоделско земјиште кое ќе биде наменето само за сточарите и исклучиво за производство на сточна храна.
На крајот на состанокот е договорено Министерството да изготви информација за денешниот состанок која ќе се разгледува на наредната седница на Економскиот совет. Побарано е на седницата да присуствуваат и претставници на Групацијата за свињарство за да можат ги изложат своите барања.