Реакција од кабинетот на градоначалникот: Салата е наменета за спорт, а не за политика

Во врска со обвинувањата од страна на ВМРО- ДПМНЕ, дека Локалната самоуправа не им ја доделува салата за презентација на нивниот кандидат за градоначалник, д-р. Никола Бакрачески, со реакција возврати и кабинетот на градоначалникот Александар Петрески во која стои:

„Градоначалникот Александар Петрески, за разлика од ОК на ВМРО- ДПМНЕ од Охрид, знае дека спортската сала Атина Бојаџи, во која Локалната самоуправа  вложи неколку милиони евра е наменета за спорт и културно –уметнички настани, а не за политички митинзи.

Барањето за отстапување на спортската сала за промоција на кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Бакрачески е чиста политичка манипулација за да се оправдаат пред нивното членство и лидерот  Никола Груевски, дека не можат да го исполнат овој простор. Доколку можат , нека повелат промоцијата да ја направат на поранешниот спортски полигон, за народот да види колку приврзаници можат да соберат.

Минатата недела ОК на ВМРО  од Охрид, го промовира  својот кандидат во Центарот за култура Григор Прличев, но не кажаа дали платија за откупување на салата. Не кажаа ни колку чини и дали ќе платат за новоотворениот штаб во комплексот Летница.

Градоначалникот Александар Петрески, за разлика од ОК на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат Никола Бакрачески, не е во паника, ниту се плаши од пораз, зошто покажа дека заедно со СДСМ, може да организира собир на поранешниот полигон за мали спортови, да собере над десет илјади луѓе, а спортската сала да им ја остави на спортистите. Граѓаните на Охрид, знаат кој и како раководи со Охрид и знаат кому да му ја дадат довербата“. – се вели во реакцијата од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.