„Република Македонија има стратешки интерес за градење на одлични односи со сите соседи”
Министерот за надворешни работи Никола Попоски утрово (7 февруари 2013) одржа средба со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија и НАТО во Република Македонија. Состанокот беше во рамките на праксата на одржување работни средби со амбасадорите со цел размена на мислења за актуелни прашања од евроинтеграцијата на Македонија.
На денешната средба, министерот Попоски ги презентираше чекорите кои ги презема Владата во светлина на заклучоците од декемврискиот Самит.
Министерот потенцираше дека фокусот на Владата е насочен кон преземените иницијативи за добрососедство. Со Република Бугарија се осврна на работата на работните групи притоа информирајќи дека се разгледуваат сите прашања за унапредување на понатамошната билатерална соработка. „Сакаме резултати од работата на работните групи кои ќе го зголемат нивото на доверба помеѓу двете земји.” Министерот посочи дека за Република Македонија приоритет се билатералните проекти и нивната реализација преку поголемо институционално поврзување и соработка.
Во однос на Република Грција, Министерот Попоски истакна дека политичките лидерства на двете земји треба да бидат насочени кон градење на доверба, искрен однос на комуникација како и на рушење на стереотипите. „Сакаме да имаме интензивен и отворен политички дијалог за сите прашања за кои постојат разлики и тој дијалог да се одвива во духот на взаемно почитување.” И за двете земји Министерот Попоски истакна дека “фактот што има поголемо внимание во рамките на ЕУ треба да претставува мотив за продлабочување на меѓусебната соработка.”
„Република Македонија има стратешки интерес за градење на одлични односи со сите соседи“. – истакна Министерот.
Соговорниците беа информирани за континуираните активности кои Владата на Република Македонија ги презема во приоритетните реформски области и за актуелните подготовки за редовните локални избори, Министерот го оцени Пристапниот дијалог како многу корисен инструмент. Европската Комисија и Република Македонија позитивно ги ценат резултатите и реформите во приоритетните области .
На поставено прашање во поглед на актуелната внатрешно политичка ситуација, министерот Попоски истакна дека одговорните политичари ги промовираат своите политики во рамките на институциите а не надвор од нив.