Брифинг за борбената готовност на АРМ за 2012 година

Денес, 7-ми февруари 2013 година во Домот на АРМ во Скопје, се одржа брифинг за борбената готовност на АРМ за 2012 година. На брифингот за борбената готовност на АРМ, присуствуваа: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана Фатмир Бесими, Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, командантите на потчинетите команди и единици, клучниот персонал од Министерството за одбрана и началниците на организационите единици на ГШ на АРМ. 

На денешниот брифинг, Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили од страна на Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2012 година, согласно функционалните области на АРМ, а кои се однесуваат на: персоналниот менаџмент, заштита на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, врските и комуникациите и буџетирањето. 

Врз основа на извршената сеопфатна годишна анализа на Генералштабот, беше донесен заклучок дека АРМ во изминатата година успешно ги извршуваше мисијата и поставените задачи, при што и покрај објективните потешкотии и ограничувања, борбената готовност беше на потребното рамниште. Во оваа прилика, од страна на НГШ на АРМ посебно беше истакнато успешното извршување на клучните задачи и проекти на Армијата кои ја одбележаа измината година, како што се: одбележувањето на Јубилејот ,,20 години АРМ“, воведувањето во употреба на новата борбена униформа, успешно извршување на меѓународните мисии надвор од Република Македонија, асистенција на институциите при елементарни непогоди и спасување, донесување на голем број правила и правилници за регулирање на животот и работата во АРМ и извршување на редовните задачи.

Како главни предизвици, но и мерки кои во 2013 година ќе придонесат за понатамошно подигање на борбената готовност и јакнење на моралот на припадниците на АРМ беа издвоени: предлог и усвојување на планот за модернизација на АРМ од страна на Владата на Република Македонија, продажба на неперспективната и стара опрема на АРМ, доделување на финансиски средства во буџетот на МО од продажба на имотот со кој располага МО, реализација на проектот ,,АРМ мој дом’, пополна на Армијата со професионален, резервен и регрутен состав, подобро функционирање и координација на клучните сектори во МО со соодветните секции во ГШ на АРМ и понатамошно подигнување на степенот на обученоста на припадниците на АРМ.

НГШ на АРМ побара поголема одговорност и реално согледување во однос на одбраната и состојбата на АРМ од сите субјекти и институции во Република Македонија кои имаат надлежност согласно Уставот и законите.

arm