Македонија и Косово ја интензивираат соработката во културата

Македонија и Косово денеска потпишаа договор за унапредување и интензивирање на соработката во областа на културата.

Договорот во Приштина го потпишаа македонската министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и косовскиот министер за култура, млади и спорт, Мемли Красниќи.

Канческа-Милевска и Красниќи на средбата ги реафирмираа заложбите за продлабочување на културните врски меѓу двете земји, а разговараа и за активностите што ќе се реализираат во перидот што претстои.

Договорот, како што изјави по средбата министерката Канческа-Милевска, ќе им овозможи на институциите и на уметниците од двете земји уште понепречена комуникација и ќе ја стимулира нивната соработка која ќе резултира со низа заеднички претставувања и проекти.

Двајцата министри за култура се согласија дека досегашната соработка во областа на културата меѓу двете земји е плодотворна и резултираше со реализацијата на повеќе проекти од областа на  драмската, музичката, ликовната, филмската и издавачката дејност.

На средбата, како што стои во соопштението од Министерсто за култура, било нагласено дека на реномираните меѓународни театарски фестивали во Македонија редовно учествуваат театри од Косово, а особено присутни македонски театри во Косово се оние што изведуваат претстави на албански јазик. Како резултат на развиената регионална соработка, реализирани се и повеќе ликовни изложби, како и проекти од областа на издавачката дејност, а во рамките на годишните програми на Министерството за култура на Македонија се поддржуваат литературни манифестации на кои учествуваат и писатели од Косово.

– Интензивна е и соработката во областа на музичката дејност, многу македонски музички уметници концертираат со Косовската филхармонија. Во оваа насока му предложив на министерот Красниќи  регионален проект кој ќе овозможи активности на еден  мешан состав на музичари и диригенти од Македонија и од Косово. Во рамките на овој проект предложивме и интензивирање на соработката меѓу националните фолклорни ансамбли на Македонија и на Косово, „Танец“  и „Шота“, како и издавање на дела на млади косовски поети на македонски јазик и обратно, истакна Канческа-Милевска во изјавата пред медиумите во Косово.

Таа прецизираше дека на својот косовски колега му предложила да се овозможат истражувања во црквите кои датираат од 19 век, а се на територијата на Косово, на кои работеле мијачките зографи и резбари.

Во текот на еднодневната посета на Косово, министерката за култура Канческа-Милевска оствари средба и со Едита Тахири, вицепремиерка задолжена за надворешна политика и за национална безбедност на Република Косово.