На македонскиот пазар нема млеко од трговските марки „Дукат“ и „Виндија“ за кои хрватските ветринарни власти изразиле сомневање дека има зголемена концентрација на афлатоксин М1. Од спорните шаржи, кај нас се увезени само 360 литри од трајното млеко „Лагано јутро“, кои досега не се пуштени во промет, а за кои по направените инспекциски контроли и земените мостри за анализа од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, на операторите со храна им е издадена наредба за забрана за пуштање во промет.
Спорните количини млеко на нашиот пазар се увезени со ветринарен сертификат и сертификат за квалитет издадени од надлежни служби.
Агенцијата за храна и ветеринарство изврши дополнителни контроли на пазарот, особено во компаниите увозници на млеко од овие производители, а оствари и контакт со ветеринарните власти од Република Хрватска.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да ја следи состојбата.