Македонија убедлива и против Украина

Уште еден убедлив триумф на македонската сениорска кошаркарска репрезентација на турнирот во Охрид.

Синоќа во салата „Билјанини извори“ нашата најдобра селекција ја декласираше репрезентацијата на Украина со 81-51.

Кошаркарите на Украина само на стартот на мечот беа достоен ривал на црвено жолтите. Нашиот тим доминираше на теренот во салата „Билјанини извори“ во Охрид до крајот на средбата.

Избраниците на селекторот Марјан Србиновски со цврста одбрана и одличен напад од минута во минута го зголемуваа водството и на крајот ја декласираа Украина со 81-51.

Сигурната победа нашиот тим ја оствари без Дамјан Стојановски, кој против Израел го повреди скочниот зглоб, а во тимот го немаше и крилниот центар Јаневски, на нивно место настапија Кирил Николовски и Владимир Брчков.

Инаку најпрецизни кошаркари во нашата селекција беа бековите Марко Србиновски и Војдан Стојановски со по 15 постигнати кошеви, Бојан Трајковски беше одличен во одбраната со дури шест украдени топки.

Турнирот во Охрид завршува вечерва со мечот меѓу Украина и Израел.

Нашата најдобра селекција во рамките на подготовките за Евробаскетот, во вторник продолжува со одигрување на пријатеслки натпревар, во малата сала во „Јане Сандански“ во Скопје повторно ќе ги одмериме силите со Израел, на 14 август во петок во Гевгелија ќе играме против Венецуела, потоа црвено жолтите заминуваат на турнири во Литванија, Шпанија и Летонија.