Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамките на завршниот дел на посетата на САД, оствари средба со сенаторот и претседателски кандидат Џон МекКејн.
На почетокот на средбата, сенаторот МекКејн се осврна на предизвиците со кои светската заедница се соочува во земјите од Блискиот исток.
Во продолжението на средбата сенаторот се интересираше за безбедносните прилики на Балканот и за решавањето на спорот кој го имаме со нашиот јужен сосед.
Претседателот Вељаноски изрази благодарност за принципиелната поддршка која САД ја даваат на Република Македонија и целокупните заложби кои досега ги имаат направено со нивниот авторитет и улога во светот. Тој истакна дека без оглед што Македонија сè уште не е членка на НАТО, таа ги исполнува сите обврски како да е членка и така и ќе продолжи.
Претседателот Вељаноски истакна дека пристапот на Република Македонија кон спорот со јужниот сосед е отворен и искрен и треба да се најде решение кое е прифатливо за двете страни и долгорочно одржливо.
Сенаторот МекКејн изрази интерес за тоа како Република Македонија се справува со нелегалната трговија со луѓе. Тој се заблагодари за учеството на македонските војници во мировните мисии во Авганистан, со кои и лично се има сретнато, при што истакна дека на САД му требаат пријатели токму како Македонија. Во продолжение истакна дека САД го ценат нашиот напредок и направеното и се надеваат дека проблемите ќе се решат многу скоро.
На средбата со претседателот на ИРИ, г. Лорне Крејнер, се разговараше за повеќе прашања поврзани со напредокот на Република Македонија и евроинтегративниот процес, при што повторно беше покрената инцијативата за обновување на присуството на ИРИ во Република Македонија и реактивирање на активностите и проектите кои досега се покажале како многу корисни и биле респектирани од сите политички субјекти.
Од страна на г. Крејнер со задоволство беше примена иницијативата и беше најавено нејзино скоро покренување пред телата на одлучување во ИРИ.
На последниот ден од посетата на САД во фондацијата Херитиџ, беше организирана дебата со традиционален работен појадок. Во расправата беа вклучени повеќе експерти, советници и познавачи на приликите на Балканот.
На дебатата стана збор за регионалните безбедносни прашања и за трендот на развојот на економските и бизнис капацитетите на Република Македонија и регионот во целина.
Со задоволство беше поздравен фактот што Херетиџ индексот за економска слобода на Република Македонија за 2013 година бележи значителен тренд на пораст за една година, и тоа од 55 на 43 место.
Со овие три последни средби и официјално завршува посетата на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на САД.