Според најновите информации добиени од ЈП Македонијапат, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се забележуваат на планинските премини во северозападниот дел на Македонија, а во југозападните има врнежи од дожд. Воведена забрана за движење на тешки товарни возила на планинскиот превој Стража, додека за патничките се препорачува крајно внимателно возење. Забрана за движење на тешки товарни возила има и на патниот правец Крак – Маврово – Дебар.
ВНИМАТЕЛНО: По клисурите и засеците можна е почеста појава на поситни одрони, посебно на патните правци Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово и Катланово – Велес, кои можат да го попречат движењето на возачите. Препорачуваме особено внимателно возење на патните правци Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде што се забележани почести одрони од вообичаеното. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен и редовно ги контролираат и одржуваат проодни сите патни правци.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
Ги потсетуваме сите возачи дека законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, трае до 15.03.2013.