Царинските службеници од граничниот премин Богородица, во координирана акција со одделението за оперативи работи при Царинска управа и МВР, утрово (10.2.2013) спречија обид за криумчарење на околу 5,2 кг наркотичка дрога -хероин. Во еден час по полноќ, за влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица царинските службеници селектирале за детален преглед автомобил Голф-5 со македонски регистерски таблички, управувано од лицето И.С. македонски државјанин, кој патувал на релација Истанбул-Скопје. При преглед на возилото, во специјални изработени прегради (бункери) од внатрешната страна на четирите бандажи од возилото, како и во кеса обвиткана со алуминиумска фолија и самолеплива трајка во внатрешноста на акумулаторот, пронајдени се 5.2 кг хероин. Вредноста на оваа количина хероин, доколку завршеше на пазарот на мало, би достигнала 500 илјади евра. Случајот е предаден во понатамошна надлежност на МВР, а против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за нелегална трговија со дрога.
Истовремено, (околу 01:30 часот по полноќ) на граничниот премин Деве Баир, при преглед на бугарски автобус пријавен за излез од државата, во пределот за рачен багаж над седиштата, царинските службеници пронашле најлонска кеса, во која е пронајден еден пакет со марихуана со вкупна тежина од 1,2 кг. Истрагата и за овој случај е во тек.