Кампања за јакнење на свеста за вработување маргинализирани лица

Подигање на свеста на јавноста за потребата пазарот на труд да биде отворен за маргинализираните групи, поттикнување на свеста кај бизнис заедницата дека вработувањето на припадници на овие групи носи низа придобивки, а ним пак да им се упати порака дека треба да си ги бараат правата и да се борат за себереализација, има за цел кампањата која почна денеска со промоција на документарен филм во рамки на проектот „Поттикнување на социјалната инклузија и инклузивен пазар на труд“.

Во филмот се прикажани добри пракси од вклучувањето на овие лица во работниот процес, преку нивна зголемена самодоверба, исполнетост, себереализација, до свесност за тоа дека даваат свој придонес и за државата, а не се на нејзин товар.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека прикажаните добри пракси во документарниот филм се резултат на досегашните напори за интеграција на ранливите групи на пазарот на труд.

„Се надеваме дека тој ќе им помогне на сите релевантни чинители и на засегнатите страни подобро да го разберат концептот на интеграција на ранливи групи на пазарот на труд и ќе придонесе за подигање на свеста на целокупната јавност со посебен акцент на работодавачите дека социјално исклучените лица и лицата со посебни потреби ја заслужуваат својата шанса за вработување“, рече Ристовски.

Тоа, исто така, додаде министерот за труд и социјална политика, треба да ги мотивира ранливите групи и да им даде храброст и волја да работат на зајакнување на своите капацитети, стекнување вештини за работа, што ќе ги направи поконкурентни на пазарот на трудот и ќе им овозможи да најдат пристојна работа.

Ние, повтори министерот, согласно досегашните позитивни или негативни искуства, ќе се обидеме да ја измениме законската регулатива со цел да го доолесниме пристапот на овие лица до пазарот на труд, повторувајќи дека се планира ревизија на законодавството во соработка со невладините организации.

Стојан Загорац, тим лидер на проектот, смета дека за успех е потребна добра регулатива, која, како што рече, Македонија во најголем дел ја има, меѓуинституционална и соработка на сите релевантни чинители засегнати од ова прашање, како и подигнување на јавната свест за потребата од вклучување на маргинализираните лица во пазарот на труд.

Потребно е, додаде, да се детектираат главните играчи во делот на интеграцијата на лицата од ранливите групи, државни институции, невладини организации, локални самоуправи, јавни и приватни претпријатија и образовни институции, но и да се согледаат потребите на лицата и нивните очекувања од вклучувањето на пазарот на труд, што, како што истакна, се прави во рамки на проектот. Потоа, рече, заеднички треба да се работи на исполнувањето на целите кои ќе бидат зацртани.

Проектот, кој е финансиран од ЕУ, се спроведува 18 месеци. Започнат е пред една година и треба да заврши во август годинава. Тој има за цел да ги зајакне институционалните капацитети во насока на подобрување на дизајнот и реализацијата на постоечките социјално-инклузивни политики преку јакнење на капацитетите на релевантните чинители, но и да промовира мултисекторска и меѓуинституционална соработка.