Министерството за информатичко општество и администрација почна да го спроведува пилот проектот „Воведување систем за следење предмети преку мобилни технологии“ за следење на предметите во администрацијата со користење на бар кодови.
„Станува збор за решение со кое секој документ во администрацијата ќе биде одбележуван со бар код и ќе содржи архивски број со кој ќе може да се следи каде е испратен, колку време стои на тоа место, кој го потпишал и кој го испратил. Со ова решение администрацијата ќе добие во ефикасност и продуктивност и ќе може да се води ефикасна евиденција кој работи и каде заглавуваат предметите“, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на денешната прес-конференција.
Проектот, додаде, првпат е воведен во Финска каде функционира во поголем број градови, а во Македонија најмногу ќе им помогне на малите подрачни единици.
„Решението ќе овозможи секој вработен со користење на својот мобилен телефон кој има камера и интернет, без разлика на моделот, да ги сними документите и да ги испраќа од еден до друг вработен во администрацијата. На крајот на денот ќе може да се извади статистика по часови и по денови за определен документ каде и колку време стоел“, појасни Ивановски.
Во напредна фаза, нагласи, податоците ќе ги отвориме за сите граѓани кои откако ќе добијат архивски број и бар код за нивното барање ќе можат да го скенираат бар кодот и да го видат статусот на предметот и каде стои на потпис.
„Со воведување на овој систем нема да има потреба граѓаните да доаѓаат во институциите и да прашуваат до каде е нивното барање, туку и самите ќе можат да видат каде е заглавен нивниот документ“, истакна Ивановски.