Кривична пријава за лице од Штип кое вршело тешки кражби по цркви

Секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето Т.Б.(43) од Штип, поднесе кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторени седум кривични дела „Тешка кражба“. Истражен судија при основниот суд во Охрид, него му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Пријавениот, тешките кражби ги извршил во периодот од 27-ми минатиот до 7-ми овој месец во црквите „Св.Димитрија“ во селото Издеглавје, „Св. Петка“ во Мешеишта, „Св.Недела“ во Требеништа, „Св.Кирил и Методи“ во Песочан, „Св.Димитрија“ и „Св.Богородица“ во Охрид. Пријавениот подолго време вршел и поситни кражби од цркви во Струга, Кичево, Тетово и Скопје но и од куќи каде привремено престојувал. Од станоиздавач во Охрид каде привремено се сместил, пријавениот одзел златен и сребрен накит а потоа ги продавал во повеќе златари во Скопје. Од извршените кражби, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од околу 30.000,оо денари. 

Тешките кражби, пријавениот Т.Б. ги вршел со употреба на камен, нож и друг алат дејствувајќи врз катинарите и бравите. Во црквата „Св.Богородица“-Каменско, се обидел со нож да ја отвори касата кај олтарот по што од крст одзел 20 сребрени пари. Истите, подоцна ги продал во златара во Скопје.   

Неодамна, СВР Охрид ги откри сторителите на повеќе тешки кражби извршени во црквите „Св.Петка“ во Струга, „Св.Тројца“ во селото Горенци, „Св.Недела“ во Оровник и „Св.Никола“ во Требеништа.