Вечерва во Центарот за Култура во Охрид се одржа презентaција на изборната програма за локални избори 2013 на кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Никола Бакрачески. Во салата, најпрво пред присутните свое излагање имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, Никола Груевски.
„Дојдов во Охрид, за да ја дадам и мојата лична поддршка за иден градоначалник на Охрид, д-р Бакрачески. Д-р Бакрачески го познаваме како успешен човек, посветен на својата професија и посветен на тоа да им помага на луѓето. Тој целиот свој работен век им помага на луѓето, тој го знае тоа што го работи, да помага на луѓето. Јас сум убеден дека и како градоначалник ќе го прави тоа, секогаш кога ќе може ќе им помага на луѓето, во рамките на неговите интереси и во рамките на можностите што ги нуди општината, а се разбира со заедничка соработка и со владата и со сите коишто можиме да помагаме“. – се обрати премиерот Груевски.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески во своето обраќање истакна дека излегува со јасно дефинирана програма за Охрид, во која секој може да се пронајде.
„Како охриѓанец, добро сум запознаен со проблемите со кои се соочуваат Охрид и охриѓани. Имам визија и мисија како Охрид конечно да го добие својот вистински европски и современ лик. Имам програма што е стратегиска цел на мојата кампања, имам работен тим полн со знаење, ентузијазам и со вистинска љубов кон Охрид и охриѓани, тим составен од професионалци“. – рече Бакрачески.
Тој потенцираше дека Охрид заслужува да биде град на светла иднина, развој и прогрес, пристојно катче за живеење и творење на сите негови граѓани, град преку кој Македонија ќе биде препознаена во светот.
„Стратегиските цели на програмата ќе бидат економски пораст и развој на општината, создавање на нови работни места и унапредување на туризмот и на меѓународната соработка на градот. Охрид мора да го врати сјајот, мора да го врати достоинството и важноста во регионални рамки и тоа ќе биде мојата врвна цел“. – посочи д-р Бакрачески.
Изборната програма на д-р Бакрачески носи наслов „Нови дела за нов напредок, Нови дела за подобар Охрид“. Приоритетни проекти на програмата се изградба на нова современа меќународна автобуска станица, изградба на затворен базен за пливање, модерно градско пристаниште, изградба на затворен современ зелен пазар на местото на досегашниот, изградба на катни гаражи, третман на отпаднните води во село Трпејца, село Љубаништа и во населеното место Св.Наум; реконструкција и изградба на фекална и на атмосферска канализација низ улиците на Охрид и во селата: Велгошти, Лескоец, Пештани, Коњско, Рача, Горно и Долно Лакочереј и Косел; изградба или доизградба на водоводните системи во село Велгошти, село Лескоец, село Вапила, село Ливоишта, село Елшани и населба Елешец.