Груевски: Нема да има предвремени парламентарни избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и Премиерот на Македонија, Никола Груевски, од Охрид, на промоцијата на кандидатот за градоначалник на општина Охрид д-р Никола Бакрачески, уште еднаш нагласи дека во земјава нема да има предвремени парламентарни избори.

“Кога ја гледам оваа масовност и оваа енергија која што владее секаде каде што одиме совршено ми е јасно зошто СДСМ се откажа и нема да оди на избори. Црвенковски на своите им кажал дека меѓународната заедница нè притиснала и дека утре ќе кажеме дека ќе има предвремени избори. Сакам да повторам дека ни утре ни задутре, ни во недела договор за предвремени избори нема да има“, порача премиерот од Охрид.

Груевски ја повика опозицијата да излезе на локални избори за да се увери на кого граѓаните ќе му ја укажат нивната доверба, па поради тоа не треба да очекува договор за предвремени избори.

“Нема кој повеќе да одработи за Грците во сиот овој изминат период освен Црвенковски. Четири години имаме целосна поддршка за започнување на преговорите за полноправно членство на Република Македонија во ЕУ. Тоа го кажа Европаската унија и речиси сите членки. Единствената пречка за нас беше Грција, уцената да се смени името и се прифати име и идентит што тие ќе ни ги кажат. И над целата таа работа, тие со судни маки успеваат да ја одлагаат точката за Македонија, односно за добивање датум за отпочнување преговори. Сега кога сите веруваа дека нема да може тоа Грција понатаму да го турка, како што досега го туркаше, кога сите наши пријатели во ЕУ рекоа дека сега е вистинската шанса, Бранко одработува во вистинско време за да добиеме негативен извештај“, посочи Груевски.

Груевски ги повика охриѓани на 24 март масовно да излезат на избори и да го дадат гласот за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, кој, како што рече, ќе донесе позитивни промени во Охрид.