Изминатиов период во глобални рамки забележлив е тренд на пораст на насилството на спортски натпревари и, она што е особено актуелно деновиве лажирањето на спортските натпревари. И Република Македонија не е имуна на овој вид криминални активности. Токму затоа, Владата на Република Македонија презема низа активности за спречување и санкционирање на овие појави. Во тие рамки се и измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои вчера беа усвоени од Владата на Република Македонија.
За превенција и санкционирање на насилството на спортските терени, пропишавме нов облик во постојното кривично дело „Насилство“ во кое предвидовме казна затвор од шест месеци до пет години за тој што друг го малтретира, навредува, ја загрозува неговата сигурност или врши врз него грубо насилство поврзано со спортски натпревар и тоа пред, за време и по завршувањето на натпреварот. Како квалификаторни облици на ова кривично дело пропишавме построги казни за случаите доколку како резултат од наведеното дело има последица тешка телесна повреда или смрт на некое лице, како и предизвикување тепачка, нереди и оштетување на имот од поголема вредност. За наведените дејствија, пропишавме казна затвор во траење од три до десет години, односно од една до пет години.
Практиката, во странство и кај нас, покажува дека значајна улога во извршувањето на ова кривично дело имаат организаторите на навивачките групи и организаторите на натпреварите кои понекогаш не само што не ги спречуваат ваквите насилства иако тоа им е должност, туку и ги поттикнуваат организираните навивачки групи да го извршуваат ова кривично дело. Токму затоа, пропишавме кривична одговорност и за организаторот на групата што го извршила како и за организаторот на спортскиот натпревар кој не преземал мерки за спречување на насилството, за што е предвидена казна затвор од три до десет години.
Со овие измени се очекува да се изврши сериозно влијание во превенцијата од сторувањето на вакви кривични дела, да се заштити здравјето и безбедноста на граѓаните, да се заштити имотот, но и да се заштитат самите спортски фанови да не учествуваат во вакви настани и да го заштитат и своето здравје и безбедност. Ова е перактика која ја воведува цела Европа, затоа што овој вид на настани претставуваат глобален проблем и предизвик, и цениме дека ќе донесе резултати.
Вториот корпус кривични дела кои ги пропишуваме со овој закон се оние кои се однесуваат на лажирањето спортски натпревари. Ова прашање е особено актуелно по последите случувања на “местење” натпревари во светски рамки за што ЕУРОПОЛ води опсежна истрага. Во таа насока се и предложените измени и дополнувања на членовите кои се однесуваат на „Измама“, како и „Неовластено примање подароци“ и “Неовластено давање на подароци“.
Имено, во кривичното дело измама се додава нов став согласно кој се пропишува дека со казна затвор од една до десет години ќе се казни тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе доведе друг во заблуда или ќе го држи во заблуда со лажно прикажување или прикривање факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортска игра, и со тоа го наведе да стори или не стори нешто на сметка на својот или туѓ имот.
Во областа на лажирањето спортски натпревари се и дополнувањата на кривичните дела кои се однесуваат на активниот и пасивниот поткуп. Така, во кривичното дело „Неовластено примање подароци“ е пропишан квалификаторен облик во кој е пропишано дека организатор или учесник во спортски натпревар кој директно или индиректно ќе побара или ќе се согласи да прими за себе или за друг подарок или друга посредна или непосредна корист или ветување или понуда за таква корист со намера да ги запостави интересите на правното или физичкото лице што го организира натпреварот за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар, ќе се казни со затвор од една до пет години. Значајна новина во овој закон е и санкционирањето на посредниците во давањето и примањето на подарокот кои во практика најчесто ги вршат овие кривични дела. Исто така, предвидуваме и одговорност за правните лица кои го сториле ова кривично дело.
Во однос на активниот поткуп во членот 253-а е додаден нов став во кој е пропишано дека тој што директно или индиректно ќе вети, ќе понуди или ќе даде подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист на организатор или учесник во спортски натпревар со намера да ги запостави интересите на правното или физичкото лице што го организира натпреварот за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар, ќе се казни со затвор од една до пет години. Исто така, следствено на она што веќе го елаборирав, и во овој член се санкционирани посредниците и е пропишана кривична одговорност за правните лица.
Со овие измени се стремиме да ги превенираме злоупотребите на спортските натпревари, да го оставиме спортот на спортистите и да го ослободиме од штетни и коруптивни влијанија, и да влијаеме на спречување на измами и доведување на граѓаните во заблуда, дејствија кои може да предизвикаат сериозна штета на имотот на граѓаните. Ова, на денешната прес-конференција го изјави портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.