Македонија против Норвешка на 11 јуни

Македонската “А“ репрезентација против Норвешка ќе одигра пријателски натпревар на 11 јуни 2013 година. Контролниот натпревар ќе се одигра во Осло. За селекторот на македонската репрезентација, Чедомир Јаневски натпреварот против скандинавската селекција е одлична можност нашата репрезентација да го продолжи континуитетот на добри резултати.

„Ни претставува задоволство што Норвешка го прифати барањето да одиграме контролен натпревар. Тоа е потврда за нашиот статус, силните репрезентации  со многу поголема почит гледаат на нашата селекција. Натпреварот ќе биде убава можност да ја зголемиме самодовербата и конкуренцијата во тимот пред квалификациските натпревари против  Шкотска и Велс. Намерата е против Норвешка да играме во најсилен состав, но можни се промени. Секој следен натпревар е можност за нова потврда на нашите квалитети, таков пристап ќе имаме и во Осло“, изјави Чедомир Јаневски, селекторот на  македонскиот национален тим.

Селекторот на Норвешка, Егил Олсен изјави дека дуелот против Македонија е одличен тест и за неговата репрезентација.

„Македонија е во подем, репрезентација која игра допадлив фудбал. Ја победија Данска со 3:0, потврдија дека имаат квалитетни фудбалери и навистина ќе биде вистински тест за нашите можности“, изјави Олсен.

Македонија има реми и пораз од Норвешка во претходниот циклус квалификации за СП. На ранг листата на ФИФА Норвешка е на 27 место.

извор: ФФМ