Министерот за одбрана г-дин Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Горанчо Котески остварија средба со Амбасадорите на Кралството Холандија и Република Турција во Република Македонија, Н.Е. Мариет Шурман и Н.Е. Ѓурол Сокменсуер.
Целта на средбата беше размена на информации за претстојните активности од доменот на НАТО со досегашната и идната Контакт амбасада на НАТО за Република Македонија. Амбасадата на Кралството Холандија беше Контакт Амбасада на НАТО во периодот од 2009 до 2012 година, а од почетокот на 2013 до крајот на 2014 година улогата на нова Контакт Амбасада на НАТО за Република Македонија ја презеде Амбасадата на Република Турција.
Министерот Бесими се заблагодари за извонредната соработка и поддршката што Република Македонија и Министерството за одбрана ја имаа во изминатиот период од страна на Амбасадата на Кралството Холандија и изрази задоволство од превземањето на улогата на нова НАТО контакт Амбасада на Република Турција за претстојниот двегодишен период.
Во текот на разговорите, министерот Бесими изрази подготвеност за понатамошно интензивирање на соработката со Република Турција, особено во контекст на што поголема видливост на Република Македонија во НАТО, со отвореност за предлози за конкретни активности. Воедно, Министерот информираше за планираните активности во текот на 2013 година за кои на Република Македонија ќе и биде потребна поддршка од Република Турција.
На средбата беше разговарано за значењето на евроатланските интеграции на земјите од регионот со цел да се обезбеди одржлив мир и стабилност имајќи ги во предвид отворените прашања во регионот. Акцент беше ставен на забрзувањето на евроатлантските интеграции што е важно како за земјите од регионот така и за НАТО.
Министерот нагласи дека Република Македонија продолжува со интензивна агенда на реформи во областа на одбраната согласно Годишната национална програма за членство во НАТО. Се разгледуваат модели на долгорочно финансирање на модернизацијата на АРМ како неопходен услов за наредниот период Армијата да биде целосно подготвена според највисоките стандарди на НАТО. Исто така, беше повторен ставот на Република Македонија да продолжи со придонес кон мировните мисии.
Особено беше нагласена важноста за реализирање на НАТО агендата и како и активностите што ќе следат во текот на годината. Акцентот на разговорите беше ставен на современите предизвици и зајакнување на соработката, особено во делот на кибернетската одбрана и доверителните фондови во рамките на НАТО кои се од интерес за Република Македонија, регионот и Алијансата.