Средба на министрите Попоски и Лукшиќ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска имаше средба со потпретседателот на Владата  и министер за надворешни работи и европска интеграција на Црна Гора, Игор Лукшиќ.

За време на средбата, двајцата министри се осврнаа на досегашните билатерални односи меѓу двете земји, при што заеднички беше констатирано дека тие се засновани на меѓусебна доверба и пријателство. Притоа, беше  истакната потребата од засилување на економската и трговската соработка кои не се на задоволително ниво. Воедно, со оглед на големината и компатибилноста на двете економии, беа разгледувани можностите за заеднички настап на трети пазари во насока на привлекување странски инвестиции.

На средбата беа покренати и прашања околу можностите за размена на искуства меѓу двете земји во однос на европските и евроатлантските интеграции. Двајцата соговорници се согласија дека тоа практично може да се реализира преку средби на експертско ниво, согласно потпишаниот Договор меѓу двете Влади во контекст на процесот на пристапување во ЕУ.

Заеднички беше нагласена важноста од заедничка соработка меѓу земјите од регионот. Во таа насока, Република Македонија и Црна Гора бележат плодна соработка и на регионално ниво, особено интензивна по преземањето на претседавањето на Република Македонија со Процесот за соработка на Југоисточна Европа.