Инвестиции во областа на туризмот, земјоделството, производствени дејности, особено во машинската индустрија, рударството, градежништвото и енергетиката се најинтересни за украинските стопанственици од Дњепропетровск, каде владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги презентираа можностите за правење бизнис во Македонија.
Дњепропетровск и Доњецк се двете најразвиени економии во Украина. За ова говори и фактот што за само десет месеци од минатата година, Дњепропетровск, оствари трговски суфицит од три милијарди долари, што укажува на високата развиеност на овој регион во индустријата.
Како што соопшти Министерството за финансии, владината делeгација, во чиј состав се и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо денеска имаше средба и со губернаторот на Дњепропетровск и неговиот економски тим. На средбата, според соопштението, е истакната важноста од зголемување на економската соработка. Украинските претставници искажале заинтересираност за потпишување меморандум за соработка меѓу Агенција за инвестиции на Украина и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони на Македонија. Средбата е искористена и за покана на делегација со бизнисмени од Дњепропетровск за посета на Македонија за да ги видат можностите за соработка, трговија и инвестиции.
Македонскиот владин тим вчера ги презентира можностите за инвестиции во Македонија пред голем број бизнисмени од Стопанската Комора на Киев. Вицепремиерот Ставрески оствари и средба со заменик министерот за економија на Украина.
Според најавите од Министерството за финансии, утре вицепремиерот ќе оствари средба и со губернаторот на Доњецк и неговиот економски тим и ќе има презентација за економските потенцијали на Македонија пред инвеститори од Доњецк.