Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Фалсификување исправа“ секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето М.Ѓ.(32) од Охрид поднесе кривична пријава.
На 11-ти овој месец, при контрола на патниот сообраќај, пријавениот е затекнат при управување на патничко моторно возило марка „Ауди-80“ со лажни регистарски таблици. Акциската контрола е извршена од страна на станицата за безбедност во патниот сообраќај на повеќе места низ градот а пријавениот е затекнат на улицата „Радојца Новичиќ“. Притоа, полициските службеници утврдиле дека регистарските таблички поставени на возилото „Ауди-80“ припаѓаат на друго патничко возило, поточно на моторно возило марка „Застава-900“ кое било во сопственост на физичко лице од Охрид. Претходно, возилото „Ауди“ имало германски регистарски таблици и било сопственост на лицето Ц.С. од Охрид. При извршен преглед во внатрешноста на возилото пронајдени се уште три регистарски таблици, една со македонски и две со германски ознаки.
Со охридските регистарски таблици поставени на возилото, кои биле неважечки, пријавениот подолго време го управувал моторното возило низ Охрид и приградските населби. Истите, заедно со уште две германски и една битолска регистарска таблица, пријавениот М.Ѓ. неовластено ги одзел од отпад во Охрид, без одобрение од сопственикот. Притоа, без никаков проблем, ги изнел од кругот на отпадот иако од страна на неколку вработени бил забележан како изнесува повеќе регистарски таблици.
СВР Охрид, го одзеде моторното возило и регистарските таблички по што ќе биде извршено вештачење на броевите од шасијата.