Двајцата премиери ги поздравија односите помеѓу двете земји, и истакнаа силна посветеност за нивно продлабочување, унапредување и интензивирање на секое поле од взаемен интерес, и заложба за надминување на сите предизвици во духот на европските вредности.
Беше истакната посветеноста за унапредување на политичкиот дијалог, и интензивирање на средбите на високо ниво. Од големо значење е испраќањето на позитивни пораки во јавноста со што се придонесува во надминувањето на стереотипите и се јакне амбиентот и духот на соработката.
Владите се примарно насочени кон генерирање позитивен моментум со цел европеизација и стабилизација на нашиот регион. Добрососедството треба да се надградува и дефинира како искреност и посветеност во реализацијата на практичните дела. Република Македонија и Република Бугарија ја споделуваат визијата за регионот, целосно интегриран во европските и евроатланските структури, а во овој процес поддршката од соседите е есенцијална .
Беа опфатени темите околу постигнување на понатамошен напредок во врска со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и иницијативите од заеднички интерес.
Одржување на заедничка седница на двете Влади е двостран интерес и потреба, и можност да ги постави основите и за уште посодржајна соработка во доменот на економијата, енергетиката и инфраструктурата.
Се изрази согласноста и во тековното тромесечје и на подолг рок, да се интензивира соработката и да се зајакне меѓусебната доверба, преку реализација на практични проекти од образованието, културата, економијата, евро интеграцискиот процес, здравството, инфраструктурното поврзување, енергетиката, транспортот, животна средина.
Се акцентираше дека нужно е потребно зголемување на економската соработка, за која има голем потенцијал за иден развој, зголемување на трговската размена, и динамична соработка на полето на инвестициите, при што инвеститорите од една земја се добредојдени и очекувани за инвестиции во другата земја, и обратно. Во таа насока од особено значење е почетокот на работата на Мешовитиот комитет за економска соработка.
Двете страни се фокусирани на реализирање на проектите од Коридорот 8, со акцент на железничката и автопатската линија Софија – Скопје, со партнерски пристап. Од особено значење е прекуграничната соработка и ефикасно користење на европските фондови, преку реализација на повеќе практични проекти од ИПА компонента.
Отворањето на граничниот премин „Клепало’’ (Берово-Струмјани), ќе придонесе кон подобрување на животниот стандард во пограничните региони од двете страни.
Двајцата премиери ја истакнаа својата иницијативност за понатамошно интензивирање на соработката.