Почеток на соработка за професионален ангажман на македонски тренери во Индија

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт, беше потпишано писмо за соработка помеѓу директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и Главниот извршен директор на Глобалната приватна компанија KOOH Sports, Чираг Пател, која е една од водечките компании со седиште во Индија, која обезбедува програми за тренинг по меѓународни стандарди, претставувајќи го спортот како животен стил и можност за развој на професионална кариера.

Договорената соработка е во насока на овозможување услови македонски тренери од неколку спортови, како фудбал, кошарка, тенис и технички експерти за физичко образование да бидат професионално ангажирани за одржување настава и вон наставни спортски активности во индиски приватни образовни установи. Македонските тренери кои ќе изразат желба за оваков професионален ангажман, кој би траел од неколку месеци до неколку години, потребно е да го зборуваат англискиот јазик и да имаат соодветно искуство во спортската област.

Истовремено, Пател се сретна и со првите луѓе на Фудбалската, Кошаркарската и Тениската федерација, со кои се разговараше за можноста за реализација на Програма за организирање на заеднички спортски камп за деца во двете земји, Македонија и Индија.

Иницијативата за почеток на оваа соработка е директен резултат од последното „Роуд шоу“ на Премиерот и владиниот економски тим во Индија.

Со почетокот на оваа соработка, Агенцијата за млади и спорт и Република Македонија ќе станат дел од реномираниот круг на партнери со кои оваа компанија успешно соработува – национални и меѓународни спортски федерации, академски институции и глобални спортски брендови како Reebok.

KOOH Sports во моментов ангажира преку 250 тренери и други стручни лица од областа на спортот, кои работат во повеќе од 100 образовни установи и преку 30 градови, давајќи успешна едукација на околу 100.000 млади лица на возраст од 2-18 години.