7.000 припадници на Црквата на обединетите, вчера склучија брак на првата групна венчавка во Јужна Кореја по смртта на нивниот „месија“ и контроверзен основач на таа црква, Сун Мјунг Мун.
Идентично облечените парови од кои многумина се запознале пред само неколку денови се од различни националности, учествуваа на оваа церемонија која се одржа во седиштето на Црквата на обединетите во Гапјеонг, источно од Сеул.
Групните венчавки, од кои некои се одржуваат на спортски стадиони со десетина илјади парови, веќе долго се карактеристични за оваа црква и противниците тоа го наведуваат како доказ дека се работи за секта.
Со оваа пракса, црквата започнала на почетокот од 60-тите години. На почетокот се венчале само десетина парови, но нивниот број покасно станувал се поголем. Така во Вашингтон во 1997 година се венчале 30 илјади парови, а две години подоцна околу 21.000 парови го наполниле стадионот во Сеул.
Повеќето од паровите лично ги споил Мун, кој верувал дека романтичната љубов води кон промискуитет, нескладни парови и дисфункционално друштво. Многу се венчале само неколку часови по запознавањето, а бидејќи станува збор за меѓународни мешани бракови значи дека партнерите често не го зборувале истиот јазик.