Македонија и Србија ќе соработуваат за поскоро членство во ЕУ

Македонија и Србија ги поврзува традиционално пријателство и искрени односи, како и заедничката цел – интеграција во ЕУ. Во таа насока министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот гостин српскиот шеф на дипломатијата Иван Мркиќ од име на владите на двете земји потпишаа Спогодба за соработка во евроинтеграциите.

„Целта ни е двете земји да ги почнеме формално што поскоро преговорите за пристапување кон ЕУ кои би биле резултат на остварените реформи и кои би наишле на поддршка од страна на сите земји членки на ЕУ, затоа што сметам дека се работи за европска придобивка“, рече Попоски на денешната прес конференција во Скопје оценувајќи ја посетата на Мркиќ како многу значајна за заемната билатерална комуникација.

Според него, со Србија не поврзуваат многу работи, а во делот на целите кои сакаме да ги оствариме земјите имаат интерес да соработуваат тесно и да ги искористат сите мостови кои постојат од аспект на инфраструктурно поврзување, афирмирање на заедниците и заеднички настап на трети пазари.

„Одлучни сме да продолжиме на овој пат и се надеваме дека со таков пристап ќе дадеме и добар пример за сите соседи вклучително за оние кои се дел од ЕУ и оние кои не се“, порача Попоски.

Станало збор и за регионалната соработка, пред се во рамки на Процесот за соработка во ЈИЕ чиј актуелен претседавач е Македонија, која претседателството го презеде од Србија, како форум во кој сите земји од регионот комуницираат пред се во корист на заедничката иднина. Според него, отворени прашања во регионот има, но одлучни се да ги решаваат отворено и искрено со цел да се надминат.

Mинистерот за надворешни работи  на Србија Мркиќ ги подвлече одличните односи меѓу Белград и Скопје со оглед на неодамнешните средби на претседателите и премиерите на двете земји, кои се, рече, дополнително охрабрубвање за идната соработка. Тој исто така го нагласи и значењето на регионалната соработка.

„Сите тие регионални иницијативи што ги спроведуваме нас не увежбуваат за натамошните наши цели, а тоа е членството во ЕУ. Ние всушност низ оваа иницијатива се тренираме во пракса како ќе се однесуваме кога еднаш ќе станеме членки на семејството на Европа и колку повеќе ќе се извежбаме толку ќе бидеме поефикасни кога ќе станеме дел од тоа семејство“, рече Мркиќ.

Тој прецизира дека на разговорите е утврден датумот на одржување заедничка седница на владите на двете земји, за парламентарната соработка, како и формирање Мешовита комисија за економска соработка со оглед дека двете земји имаат интензивна економска соработка.  

Двајцата министри денеска потпишаа и Спогодба меѓу двете држави за платено работење на лица издржувани од членови на ДКП.

За време на еднодневната  официјална посета на Македонија, српскиот министер Мркиќ ќе биде примен и од претседателот на Република Македониа Ѓорге Иванов и  од претседателот на Владата Никола Груевски.